Дека Македонија е светски позната држава ни покажува и салатата која го носи истото име. Зборот „македонија“ со значење мешана овошна салата бил популаризиран на крајот на 18 век, посочувајќи на разновидните потекла на луѓето во Македонското Царство на Александар Велики.Постои едно верување дека се однесува на етничката разновидност во регионот Македонија во 19 век, но хронологијата и современите извори ја побиваат оваа интерпретација. Macedoine може да се однесува на секаква збирка на неповрзани работи, не само за јадење.
Постои урбана легенда дека салата првпат била направена на Версајскиот мировен договор во 1919 година, каде што била послужена како десерт на преговарачите, а името ѝ го ставил главниот готвач на преговорите во Париз, кој бил по потекло Македонец и со ситното сецкање на овошјата алудирал на состојбата на својата држава во тоа време, но не постојат апсолутно никакви показатели дека било кој дел од ова тврдење има основа.
Со терминот Салата Македонија (или само Македонија) се означуваат два вида на салата. Едната (шп. Macedonia de frutas, анг. Fruit macedonia) се прави од различни видови овошја, коишто обично се сецкани на ситни квадратни парчиња со големина од околу 1-5 см2. Рецептот за салатата варира и нема некои строги правила, но често содржи: портокал, банана, јаболко, киви… Овошната салата Македонија е особено популарна во Шпанија, земјите од Латинска Америка (шп. macedonia de frutas) и Италија (ит. macedonia) кадешто се сервира како десерт.
Оваа овошна салата е популарна и во Франција но таму најчесесто не се нарекува Салата Македонија, а го носи називот овошна салата (фр. salade de fruits).
Зеленчуковата Салата Македонија (фр. Macédoine de légumes, шп. Macedonia de vegetales) е особено популарна во Франција (salade macédoine или само macédoine) поради што на Балканот и во Македонија е позната и како француска салата (фр. Salade française). Салатата содржи грашок, моркови (во Франција и печен грав). Понекогаш се сервираат измешани со мајонез (или пача) како студено предјадење. Постои и топла зеленчукова салата Македонија којашто се прави со истиот зеленчук, но измешани со путер и се служи како топло предјадење.