Зошто во машината за алишта треба да ставате тениско топче, но никогаш обувки: 7 одлични трикови за перење облека

|

Експертот за хемиско чистење Вил Лангстон од Велика Британија ги руши сите митови за перењето и дава бесценети совети што ќе ви ги сочуваат облеката и обувките.

1. Дали обувките треба да ги перете во машина за алишта?

Многумина се одлучуваат за ова решение – ставаат патики или нежни чизмички во машината за алишта, ги перат на нежна програма и проблемот со перење осетливи обувки е решен.

„Строго советуваме никогаш да не го правите ова. Топлината на водата во машината може целосно да го уништи лепилото на обувките што ги држи заедно сите делови, а машинското перење може и целосно да го деформира обликот на обувките. Постои уште една непријатна можност – обувките може да се соберат и за неколку броеви, во зависност од тоа од каков материјал се направени“, вели Лангстон.

2. Дали белото вино отстранува дамки од црвено вино?
„Дефинитивно не“, уверува експертот. „Облеката со дамки од вино најдобро е да се потопи во изладена вода, а претходно да се нанесе течен детергент на дамката. Откако флеката ќе исчезне, исперете ја на вообичаениот начин.“

3. Зошто треба да ставите тениско топче во машината пред перење?
„Овој трик ќе ги направи вашите пешкири помеки и понежни“, вели Лангстон.

4. Дали повеќе прашок значи почиста облека?

„Апсолутно не. Максимумот детергент во преградата е означен со причина. Освен тоа, вишокот детергент може да ви направи проблем, вклучувајќи бели флеки на облеката, чудни миризби, но и затнат одвод“, смета експертот.

5. Дали машината треба да се пере?

Сите мислиме дека машината додека ја пере облеката, се пере и самата. Но машината сепак би требало да се пере и празна, и тоа максимално на секои 6 недели на најтоплиот и најдолгиот циклус на перење.

„За да бидете сигурни дека сте ги уништиле сите бактерии, додајте малку оцет или избелувач“, советува Лангстон.

6. Дали ладното перење е подобро за животната средина?

„Да, а притоа за одредени материјали воопшто нема потреба од врела вода. За пешкири, постелнина и долна облека се препорачува што потопла програма за да се уништат бактериите, а за се’ останато – не. Ладното перење е одличен начин да го спречите загадувањето на околината, но и да заштедите на струја – 90% од струјата машината го троши за загревање на водата, а само 10 за перење. Исто така, ладното перење подобро ги зачувува работите – бојата помалку избледува, облеката не може да се собере и истенчи. Во ладна вода слободно можете да перете облека со секаква боја – нема шанси да пушти и да бојоса се’ останато“, објаснува Лангстон.

7. Дали детергентот ги уништува бактериите на облеката?

„Не. А тоа не го прави целосно ни високата температура. Единствениот начин да ги уништите сите бактерии е да додадете избелувач на база на хлор или масло од боровина пред перење. Облеката обично одлично се дезинфицира и во машината за сушење алишта“, заклучува експертот.