Со зурли и тапани, оро, крстови и молитви почна маршот за здраво семејство, кој се организира како контра-собир на првата Парада на гордоста. која веќе започна во Скопје. Собирот е насочен насочен кон заштита на брачните, семејните и верските вредности.
Собраните пеат духовни песни, се прекрстуваат и носат пароли „Брак, семејство, иднина“, „И плодот во утробата има права“, „Полот и родот е биологија, не идеологија“, „Мајка и татко -темел и покрив“, пренесе Макфакс.
Горан Илиев, кој е пастор во евангелистичка црква изјави дека тие строго стојат зад традиционалните вредности и поддржуваат брак помеѓу еден маж и една жена и дека децата кои растат со двајца машки и женски родители се збунети и не може да се снајдат во општеството, склони кон самоубиства и депресии.
Собраните од црквата Пресвета богородица во Центар ќе се упатат кон Соборниот храм.
Од друга страна, од паркот „Жена борец“ во Скопје почна Парадата на гордоста за поддршка на припадниците на ЛГБТИ заедницата и за еднакви права на сите луѓе.
На Парадата се присутни голем број поддржувачи од земјава и странство и јавни личности. Парадата се одржува под засилено полициско обезбедување, а интерес за настанот има не само од домашните, туку и од странски медиуми.
– Не смееме да потценуваме колку е значаен овој чекор што денеска се прави. Далеку сме од целосно почитување на ЛГБТИ луѓето, ама ова е многу значаен чекор во вистринска насока. Денес, Република Северна Македонија е дел од семејството држави кои имаат одржано Парада на гордоста на својата територија, изјави за МИА, поранешниот пратеник Павле Богоевски.
Маршот на поддржувачите на ЛГБТИ заедницата треба да заврши во Градскиот парк.