Возел со „ленд ровер“ по плочникот на ТЦ „Бисер“, очевидци му негодувале, па избодел двајца од нив

|

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишник од Арачиново, поради основано сомнение за сторено кривично дело „Убиство“ и за „Предизвикување општа опасност“. Настанот се случил на 11 септември, кога осомничениот со голема брзина управувал автомобил „Ленд ровер“ по плочникот кај ТЦ „Бисер“ во Аеродром, предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на луѓето.

Откако дел од очевидците му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди.

„Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.