Задолжителен тест за дрога на средношколци и деветтоодделенци предложен за поголема безбедност во училиштата

|

Задолжителен тест за дрога кај средношколците и учениците од деветто одделение, контрола на оружјето кое го имаат граѓаните, анализа на казните за извршителите на насилство и контрола на интернет провајдерите се меѓу мерките кои денес ги претстави професорот Марјан Ѓуровски како дел од предлозите за зголемување на безбедноста во училиштата.

Тој, заедно со тим професори од Филозофскиот факултет го спроведува научноистражувачкиот проект „Безбедноста во училиштата-градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“ со кој, како што нагласи, Универзитетот „Кирил и Методиј“ ја става во прилог на праксата за градење механизми за рано предупредување за насилство, посебно по убиствата во Србија.

„Предлагаме да се размисли за воведување задолжителен тест кај учениците од средно образование и кај учениците од деветто одделение за дрога и наркотични средства еднаш до двапати во текот на училишната година. Сакаме да предложиме на институциите серија мерки, не само за Министерството за образование и наука туку и на пример од Министерството за внатрешни работи. Дополнително треба да се ангажира Министерството за внатрешни работи да направи контрола на лесното и мало оружје кое го поседуваат граѓаните. Сега е моментот кога се врши пререгистрација на дозволите на граѓаните и мора да се зајакне контролата на начинот на чување на оружјето и почитување на регулативата кај стрелиштата. Потребна е и посебна регулатива за тој кој може да поседува лесно и мало оружје, но и начинот какао тие ќе се користат. Министерството за правда предлагаме на да направи анализа на казнената регулатива во делот на политиката за извршителите на насилство, но и во делот на казнената регулатива на тие кои не постапуваат во однос на одговорностите кои ги имаат за справување со безбедноста“, рече Ѓуровски.

Тој најави дека со интердисциплинарниот пристап на проблемот ќе бидат направени прирачници, но и механизми, а еден од предлозите е и да се дојде до национална платформа за безбедносна култура, превенција и рано предупредување за сите видови насилство кај децата и младите.

Ѓуровски вели во соработка со Бирото за развој на образованието има предлог да се разгледа можноста за развој на предметна програма од областа на безбедносната култура во основното, средното и високото образование каде што би било и справувањето со природните катастрофи, со сајбер безбедноста, но со насилството.

Министерот за образование, пак, Јетон Шаќири рече дека во фаза на изработка се правилници, протоколи и платформа, но првите препораки до сите училишта ќе бидат доставени до крајот на неделава за превенирање и постапување во случај на насилство, а ќе се разгледа можноста за начинот на ограничување на социјалните мрежи.