По масакрот во Србија, македонските власти уште немаат превентивен протокол за безбедноста на училиштата

|

Десет дена по крвавиот масакр во Врачар каде 13-годишно момче застрела 8 соученици, македонските власти доцнат и допрва се подготвуваат за да ги обезбедат училиштата и да го намалат врсничкото насилство.

Додека тие, наводно, се консултираат со универзитетски професори и експерти за да превенираат, полицијата веќе регистрираше закани и списоци од ученици во Тетово и Штип.

Министерот Оливер Спасовски смирува, вели тоа било невнимателно детско однесување за кое нема реални закани.

„Упатувам порака до родителите и учениците ова не е нешто со кое ние може да се однесуваме несериозно и да предизвикуваме несигурност“, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Повеќе од десетина пораки со поплаки за врсничко насилство регистрираше и Министерството за образование кои пристигнале на мајловите кои беа создадени за оваа намена веднаш по масакрот.

Оттаму информираат дека се подготвуваат превентивни мерки кои треба да бидат усвоени на владина седница, но во меѓувреме нема ништо конкретно на терен. Министерот уште пред една недела ги најави мерките, но училиштата мора да ја чекаат владината седница на која треба да бидат усвоени.