За пожарот што беше предизвикан во Велес во кој изгореа околу 400 хектари шума, велешкото јавно обвинителство побара спроведување истражна постапка против едно правно лице, односно компанија и четворица работници. Според првичните информации, пожарот избувнал од искрите кои биле предизвикани од апаратот за брусење. Искрите ги запалиле околните грмушки, а пламенот почнал да се шири неконтролирано, каде изгорела голема шумска површина.
„Основното јавно обвинителство-Велес врз основа на Кривичниот законик, иницирало постапка за кривично дело, тешко дело против целокупната безбедност. По забрзана постапка ќе се гони и правното лице – градежна компанија која ги ангажирала осомничените лица, велат од велешкото обвинителство“, велат од Основното јавно обвинителство во Велес.
Имајќи предвид дека законските основи се исполнети, надлежен јавен обвинител пријавил до судија на претходна постапка во Основниот суд во Велес предлог за марка притвор за одговорното лице и вработениот кој работел со апаратот за брусење во критичниот момент. За двајца други осомничени е изречена мерка на претпазливост.
Уништена е борова шума, а штетата тешко може да биде надоместена барем во следните неколку години. Ќе бидат потребни децении. Премиерот Заев, кој попладнево беше во посета на опожареното место, најави дека со ребалансот на буџетот кој е во тек, ќе бидат предвидени средства за пошумување на уништената површина со соодветни садници.
„Општина Велес, Владата, ЈП Национални Шуми ќе спроведат брз координиран план за масовно пошумување. Ќе спроведеме максимални напори за вонредно пошумување со адекватни видови садници, со што оваа територија повторно ќе ја има функцијата на шума со сите еколошки параметри неопходни за здрава животна средина“, изјави Зоран Заев – премиер на РСМ.
Гаснењето на пожарот траеше скоро 10 часа, а учествуваа и противпожарни екипи од други градови како и припадници на Армијата, Управата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈП Македонски Шуми. Како што и самиот Заев кажа, ваквите несреќи уште повеќе алармираат дека е потребно доекипирање на противпожарните бригади и Дирекцијата за заштита и спасување, но и повеќе средства на располагање и подобра опрема.