Србија ризикува да ја загуби визната либерализација со Eвропската Унија(ЕУ).
Европската комисија (ЕК) призна дека е загрижена поради постоењето на некои поедноставени процедури за доделување државјанства на странци од земјите кои добија визната либерализација со Европската унија.
„Комисијата има општа загриженост за различните верзии на шеми за државјанство, како што е поедноставената процедура за доделување државјанство по краток период на престој. Ова може да претставува јавен и безбедносен ризик за ЕУ, бидејќи Србија ужива безвизно движење во ЕУ. Комисијата ќе ги следи ваквите политики на натурализација и доделување државјанства од земјите кои имаат визна либерализација во рамките на механизмите за суспендирање на визите“, изјави за Радио Слободна Европа портпарол на Европската комисија.
Меѓу државите од кои доаѓаат најмногу мигранти беа споменати Бурунди, Куба и Тунис. Граѓаните на овие земји влегле во Србија без визи и оттаму преминале на територијата на ЕУ. Србија беше принудена да ги врати визите за овие земји затоа што и се закануваше дека ЕУ ќе ја прекине визната либерализација за Србија. Таа е на сила од 2009 година. Пртеходно, се споменуваше дека Србија може да се соочи со враќање на визите затоа што не воведе санкции за Русија.