УЈП и Царина незадоволни од 10% раст на платите, најавуваат нов штрајк

|

Зголемувањето на платите за 10% во јавниот сектор од септември не ги реши сите проблеми. Синдикалните претставници во УЈП, иако се вклучени во ова покачување со општиот колективен договор, нема да се откажат од барањето за зголемување за 30%. Првиот човек на синдикалната организација „Солидарност“, Васо Недановски, потсетува дека до петок истекува законскиот рок во кој посредникот треба да го достави предлогот до Министерството за труд и социјална политика. Ако не биде прифатен од вработените, тогаш ќе продолжат со протестот на работните места од следната недела. Тој вели дека просечните плати во УЈП се за околу 3 илјади денари пониски од сегашната просечна плата во земјава.

На ист став е и УПОЗ, синдикатот на вработените во судската администрација. И тие инсистираат на зголемување на платите за 30%. Најавуваат дека ќе продолжат да протестираат пред судовите во Скопје, а доколку не им се исполни барањето, тогаш од септември ќе организираат сеопфатен протест во сите судови низ државата. Од 30% не се откажуваат ниту од Царината.

„Го поздравуваме вчерашниот договор, но нашето барање за итно зголемување од 30% е законско право што не може да се ускрати. Продолжуваме со ставот дека доколку не се исполнат овие барања, ќе бидеме подготвени за генерален штрајк“, наведуваат од Синдикатот на Царинската упраава.

Државните органи на вчерашната работна средба постигнаа договор со челниците на Сојузот на синдикати за зголемување на платите за 10% од септември и за исплата на 10.000 денари за К-15 до крајот на годинава. Од следната година ќе се исплаќа К-15 во висина од 30% од нето платата. Новата методологија за пресметка на платите ќе се заснова на просечна плата помножена со коефициент, а ќе се применува од март 2025 година.

По 17 години ќе се донесе нов општ колективен договор со кој се воведува системско решение за платите во јавниот сектор кое ќе гарантира нивен раст без политички калкулации.