Монпеље прв по европската круна на Вардар, денеска ќе бидат познати и другите ривали

ИЗВОРСкопје24
|

Францускиот тим Монпеље е првиот ривал на европскиот првак Вардар во групната фаза од новата сезона во Лигата на шампионите. Тоа е единствената дефинитивна работа во пресрет на денешната елитна ждрепка, 18 часот, во Виена, каде ќе биде одреден изгледот на следното издание на најсилното европско клупско натпреварување.

Вардарци како носители ја чекаат ждрепката, заедно со ПСЖ, тимот на Раул Гонзалез, кој одново ќе го избегнат во разигрувањето во групи, но истовремено им го донесе и Монпеље како противник на „црвено-црните“ (поради правилото дека два тима од иста земја не треба да се најдат во иста група).

Кој друг освен Монпеље ќе ја напаѓа европската круна на Вардар ќе дознаеме попладнево. Во вториот шешир чекаат Веспрем и Барселона, во третиот се Келце и Флензбург, Алборг и Мешков Брест се во четвртиот, додека Мотор Запорожје и Пик Сегед во петтиот.

Хрватскиот првак Загреб од шестиот шешир ќе му биде првиот противник на ПСЖ, со оглед на тоа дека местото на Монпеље му е веќе доделено место во групата со Вардар.

Во седмиот шешир се Порто и Елверум, додека Целје и Кил се во последниот осми шешир.

Премиерата во елитното европско клупско натпреварување ја чека Еурофарм Работник. Битолскиот тим е во четвртиот шешир заедно со Кристијанштад, со кој нема да се соочи во групната фаза во рамките од Ц и Д групите.

Савехоф и Динамо Букурешт се носители на ждрепката, додека потенцијални ривали на „фармацевтите“ се Чековски Медведи и Татран Прешов, Кадетен и Кокс, Бидесоа и Висла Плоцк, како и ГОГ и Спортинг.