Веќе речиси цела година во најава е реформата што УЕФА и Европската купска асоцијација (ЕКА) ја туркаат околу двете врвни натпреварувања на Стариот континент, Лигата на шампиони и Лига Европа, па англиските медиуми сега објавија како ќе функционира целиот систем по 2024 година, ако во ноември се усогласат деталите.
Според системот за кој од поодамна е речиси познат на јавноста со реформите за ЛШ, елитното друштво речиси се затвора со богаташите, а ќе се смени и форматот на лигата, па ќе има четири групи со по осум екипи наместо досегашните осум групи со по четири екипи. Така се гарантираат максимални 21 меч на патот до европската круна, што би било речиси налик на лига. Уште повеќе најслабите екипи, осмопласираните ќе испаднат, додека за останатите им е гарантирано сигурно учество во следната сезона, но ќе има и „плејоф“ за опстанок што би било еден вид квалификации.
Тоа што засега е јасно е дека пласманот во ЛШ ќе биде според имињата, звучноста и парите, а не според пласманот во националните лиги. Останува отворено дали ќе се играат мечевите низ викендите, како што првично беше најавено, а отпор има од најсилните домашни првенства, кои се кренаа на бунт дека практично би биле уништени. Но, јасно е дека ЛШ и Лига Европа полека (ќе) се трансформираат во затворени лиги во кои за гигантите и богатите клубови ќе биде тешко да излезат, додека за малите ептен тешко да влезат.
За Лига Европа има реформи со тоа што првопласираните од групите (осум групи по четири екипи) ќе обезбедат осминафинале, вторите и третите претходно би играле „плејоф“ (како шеснаестинафинале) за пласман во осминафиналето, а последните во групите би испаднале од Лигата. Учесниците во четвртфиналето би имале гарантиран пласман за следната сезона во групната фаза, додека полуфиналистите би имале директен пласман во ЛШ.
На тој начин УЕФА ги затвора двете врвни натпреварувања, а од 2021 година ја воведе Лига Европа 2, која веројатно подоцна би била ребрендирана, а таму шанса за групна фаза би имале екипите од малите земји како Македонија. За две сезони, македонските клубови ќе почнат квалификации баш во таа Лига Европа 2, додека првакот би играл квалификации за ЛШ, но со уште потежок пат од досегашниот.