Потрагата продолжува – во Грција пристига и братот на исчезнатиот македонски државјанин

|

Утре наутро од САД во Грција ќе пристигне братот на 31-годишниот Мартин, кој се води како исчезнат откако тој и неговите двајца пријатели беа однесени од морските струи на Халкидики, јавуваат грчките медиуми.

Братот на Мартин утре наутро ќе дојде со лет од САД до аеродромот „Македонија“, од каде што ќе го земе шефот на волонтерските спасувачи на ОФКАТ, Христос Рамос и ќе заминат за Халдики.

Според Voria.gr, неговиот брат ги замолил да се подготват за голема операција бидејќи тој ќе направи се што е потребно за да го лоцира својот брат.

„Неговиот брат ми рече дека ќе ги помести небото и земјата за да го најде својот брат , мобилизирајќи се што му треба. Не извести да бидеме спремни на се и може повторно да тргне и авион, како што се случи вчера “, забележува шефот на волонтерските спасувачи.

Воедно тој информираше дека психолошката состојба на мајката на исчезнатиот македонски државјанин е доста тешка.

„Се надеваме дека со доаѓањето на другиот син таа ќе може малку да се смири. Таа е жена сама во земја во која не го ни зборува локалниот јазик. Дури и некои нејзини роднини кои дојдоа од Северна Македонија си заминаа и таа е сосема сама, само со нас“, додава тој.

Апел за финансиска помош веќе упати и пријателот на Мартин, Иван, кој беше спасен по 19 часа поминати во вода, откако отвори сметка за донации за поддршка на потрагата.