Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, даде изјава по состанокот со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Тој најави дека во наредните денови треба да пристигнат 120 милиони евра помош за Македонија од ЕУ.
„Деновиве ќе стигне сума од 40 милиони евра директна буџетска поддршка, како и транша од макрофинанскиот пакет во износ од 80 милиони евра“, изјави Димитров.
Европската комисија подготви Економски и инвестициски план кој треба да се објави на почетокот на идниот месец.
„Некаде на почетокот на октомври ќе биде објавен Економскиот и инвестициски план но очигледно пред нас е голема шанса за инфраструктурно поврзување, за зелена агенда, за економски развој“, рече вицепремиерот.
Покрај за економските прашања на состанокот било разговарано и за почетокот на преговорите со ЕУ. Еврокомесарот Вархеји ја презентирал предлог преговарачката рамка со која треба да се започне до крајот на годината.
„Комисијата излезе со еден добар нацрт. Новата методологија го овозможи зеленото светло за политичката одлука да се почне со пристапните преговори“, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања.
Во ЕУ, преговарачката рамка се дискутира на техничко ниво, а земјите членки ги пеглаат своите разлики. Засега најгласни во целиот процес се нашите соседи Бугарија со своите познати барања за историските прашања.