Лазаров: Ќе се обидеме да го дадеме својот максимум на СП

ИЗВОРСкопје24
|

Денеска во спортската арена „Филип Втори“ беа промовирани новите дресови на македонската ракометна репрезентација. Промоцијата е одржана под мотото „Со нов дрес до нови победи“, а со овие дресови нашите херои ќе настапат на претстојното Свестко првенство, кое на програмата стартува од 10 јануари во Германија и Данска.

Македонија ќе игра во црвена, жолта и бела комбинација. Тоа се трите бои со кои ќе се оди по нови успеси. Соработката продолжува, а денеска ракометарите кои се дел од сениорската репрезентација се појавија на промоцијата така што можеше да се види одличната атмосфера.

На промоцијата присуствуваше и капитенот Кире Лазаров, кој изјави дека очекува голем настан кој е многу важен за нашата селекција.
– За разлика од претходните години одиме со подмладен состав, со многу млади играчи кои што многу ветуваат, кои што се големи таленти и очекуваме во блиска иднина дека сите тие таленти ќе го понесат товарот и ќе продолжат по нашите стапки. На ова првенство ќе се обидеме да го дадеме својот максимум, а ќе видиме за што тој ќе биде доволен. Сакаме да ја усреќиме пак оваа нација“, истакна капитенот Лазаров.

Тој смета дека е неблагодарно да се прогнозира до каде може да стигнат на Мундијалот, но гарантираше дека ќе играат најдобро што можат.

– Мораме да останеме скромни, да работиме напорно без оглед на противникот и да одиме од натпревар во натпревар, почнувајќи од првиот дуел со Јапонците, додаде капитенот.

Македонската репрезентација на Светското ќе игра во група со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин, а првиот натпревар е на 11 јануари против селекцијата на Јапонија.

Како изгледаше на промоцијата можете да видите низ фотографиите во продолжение.