Македонија вчера го забележа првиот пораз на Светското првенство во Данска и Германија, подобра од нас беше Хрватска.
Хрватите не победија со 31:22, резултат кој не ја отсликува реалната слика на теренот. Предноста Хрватска ја направи во последните десетина минути кога нашата игра целосно се распадна.
За Стојанче Стоилов Хрватска не одиграла толку добро и причината за поразот според него треба да се бара во промашените зицери.
„Не бевме на потребното ниво. Во одреден дел од натпреварот успеавме да и парираме на Хрватска, но промашивме премногу зицери. Не играше Хрватска толку моќно колку што ние одигравме под нивото. Меѓутоа нема да се предадеме, одиме понатаму. Можеме да се носиме со Исланд и Шпанија“, изјави Стоилов.
Нашите ракометари се обидоа, дадоа се од себе, но се свесни дека на овој дуел беа предалеку од позитивен резултат, а како причина за тоа ја посочија и кратката клупа и ротација.
-Дали можеше подобро… друго е кога се гледа од страна. Можеби можeше разликата да биде помала, ама бевме далеку од победа. Го дадовме максимумот, нема дилеми околу тоа. Секој даде се од себе, мораме да се помириме со реалноста. Игравме седум на шест, затоа што не можеме поинаку. Правевме многу измени и тоа го плативме со неколку брзи голови. Мора да бидеме реални, да се стрпиме, овие млади момци што доаѓаат да созреат и имаме подолга клупа. Со шест играчи не се игра на едно Светско првенство, -истакна Дејан Манасков кој беше стрелец на шест голови против „коцкестите“.
Македонија денес е слободна, а натпреварот со Шпанија го играме утре со почеток во 20:30 часот.