Македонија поразена од шпанската фурија

ИЗВОРСкопје24
|

Македонија го доживеа вториот пораз на Светското првенство, загубивме од Шпанија со 32:21 одигравме одлично прво полувреме, но по само неколку минути во вториот дел го загубивме мечот.

Македонија убедливо е поразена од Европскиот првак иако одигравме лудо прво полувреме во кое бевме сосема рамноправни со Шпанија.

Натпреварот го започнавме одлично, имавме водство од 6-3 и контра за четири разлика, но Кузмановски биеше над голот, по што следуваше серија на Шпанија од 5-1 и нивно прво водство. До одморот мечот беше изедначен, на полувремето се замина со предност на Шпанците од 13:12.

Во првите 30 минути Никола Митревски имаше фантастична партија со 11 интервенции, ние игравме одлично, создававме идеални позиции за шут, но промашивме многу зицери и наместо да водиме со неколку гола разлика губевме со еден.

Второто полувреме почна шокантно за нас, Шпанија за три минути направи серија од 5-0, поведе со шест разлика и тука победникот беше решен. Селекторот Раул Гоналзес се одлучи да ги извади најдобрите ракометари со цел да одморат за мечот со Исланд, и шанса им даде на оние со помала минутажа.

До крајот на мечот нашите млади ракометари солидно се носеа со силната шпанска репрезентација, но не можеа да направат ништо повеќе. Натпреварот заврши со 32:21 за Шпанија.

Најефикасен во нашиот состав беше Пешевски со шест голови, Кире Лазаров постигна пет, Кузмановски реализираше четири пати. Никола Митревски натпреварот го заврши со 12 интервенции,

Утре во последното коло Македонија игра со Исланд решавачки меч за пласман во следната фаза, само со победа одиме понатаму. Натпреварот почнува од 18 часот.