Со 55 бодови, Лазаров прогласен за најкорисен играч во првата фаза

ИЗВОРСкопје24
|

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров е МВП по првата групна фаза на Светското првенство. Лазаров петте натпревари во Б-групата ги заврши со вкупно 55 бодови од кои 30 се од головите и 25 од асистенциите.

Втор на оваа листа е Микел Хансен од Данска со 49 поени (35 голови + 14 асистенции).

Што се однесува на посебните листи, Лазаров е прв по број на асистенции и четврти на листа на стрелци.

Пласман меѓу најдобрите десет има и голманот Борко Ристовски. Чуварот на мрежата на македонската репрезентација е на делба на 8.место по процентот на одбранети удари. Тој „фати“ 47 од 126 упатени удари кон голот што претставува 37 отсто успешност.

Инаку, Македонија во следната рунда ќе разигрува во „Президент купот“ за пласман од 13-16. позиција.

Противник на македонските ракометари утре ќе биде селекцијата на Русија која во А-групата го освои 4.место.

Русите имаат многу силен тим и тоа го докажаа на неколку натпревари кои ги загубија во драматична завршница. Така беше и вчера против повеќекратниот светски првак Франција (22:23).

Натпреварот Македонија – Русија ќе се игра утре во Келн со почеток во 13 часот