Македонија со триумф стави крај на својот настап на Мундијалот во Германија и Данска, освојувајќи го на крајот 15. место, со што го повтори пласманот од СП во Франција пред две години.
И покрај се, овој пласман сепак е во склад со очекувањата и предвидувањата, со оглед на тоа дека на ова СП допатувавме со многу млади и неискусни играчи. По натпреварот, селекторот Раул Гонзалес се осврна на победата над Чиле, но и околу неговата иднина на клупата на Македонија.
„Свесен сум дека постојат коментари во јавноста дека не сум посветен на мојата работа со репрезентацијата по ангажманот во ПСЖ. Мундијалот сега заврши, па ќе видиме што ќе се случи. Главите се жешки, а јас сакам своите одлуки да ги носам во мир. Јас би сакал да ја водам Македонија и во иднина, но сега не е момент да се разговара за тоа, треба добро да се размисли. Затоа, не сум сигурен дали ќе останам на клупата на Македонија и во следните натпревари“, изјави Раул Гонзалез, по што се осврна на натпреварот со Чиле.
„Честитки за моите ракометари, но и за селекторот на Чиле кој одлично го подготви натпреварот. Чилеанците беа брзи и создадоа многу проблеми за нашата одбрана. Жал ни е што не ја минавме групата, но барем со победа го завршивме Мундијалот. Очекувавме да поминеме понатаму, но не успеавме. Сите употребуваат „седум на шест“. Ние не игравме така затоа што јас сакав, туку затоа што карактеристиките на ракометарите ни се такви. Планот беше да играме „седум на шест“ против Јапонија и Бахреин. Но, против Хрватска е потешко и тие ни ги знаат сите добри и лоши страни. Сепак, видов дека добро се чувствуваме со тој систем“, изјави Раул.