КРИСТОПАНС ЗНАЕ: НЕ НИ ТРЕБА ЧУДО ВО КЕЛН, НАШАТА СИЛА Е ТИМСКАТА ИГРА

ИЗВОРСкопје24
|

Најдобриот вардаров стрелец во Лигата на шампионите (со 80 погодоци), Даинис Кристопанс делува мирно и фокусирано во пресрет на полуфиналниот дуел со Барселона.

За летонскиот џин ова е втор настап на фајнл-форот во Келн, тој не беше дел од онаа златна генерација која се искачи на кровот на Европа, но се чини дека е убаво расположен за да испише нова историја. Според него за да се дојде до титулата не треба чудо, туку тимска игра, која е и силата на Вардар.

„Дојдовме на Ф4 да уживаме, да играме… Притисок нема, барем јас не чувствувам никаков притисок. Најдобрите четири екипи во Европа се во Келн и сè е можно. Мислиме само на Барселона, Парондо измислува некоја тактика… Работиме и се подготвуваме за сите можни варијанти на теренот. Секако дека сакаме да победиме, но мора да мислиме на првите 60 минути. Најважно е да одиграме како екипа и да си помогнеме еден на друг, тоа е нашата сила што играме како екипа, а не индивидуално. Во Келн нема чудо, треба да се одигра добро и да се даде се од себе, на теренот тоа е најважно, таму е фокусот и тоа прави се да биде можно“ – вели за СПОРТМЕДИА, Даинис Кристопанс.

Противникот е одлично познат, но вардарци најдобро знаат дека во Келн сите опции се во игра до последниот судиски свиреж.

„Барселона ја почитуваме ако противник. Физички се многу подготвена екипа, имаат одлични играчи како и ние, секогаш е тешко кога се игра против нив. Долги години ја имаат истата тактика, играат активна одбрана и имаат добар голман, а тоа е тешко за нас. Сепак имаме 60 минути во кои сè е можно“ – додава Кристопанс.