Стоилов: Ние сме луда комбинација- со нас се е можно

ИЗВОРСкопје24
|

Во пресрет на најважниот меч оваа сезона, пресметката со Барселона, капитенот Столе Стоилов вели дека со овој тим се е можно.

„Со нас сѐ е можно. Ние сме луда комбинација на играчи, не знаете на кого ќе му ‘кликне’ и кој ќе има добар ден, кој ќе ја носи екипата. Јас сум горд на сите овие момци зашто третпат по ред играме на фајнлфор. Имаме противник кој има одлична сезона, Барселона покажа декае една од најдобрите во Европа, но тука играме еден меч и шансите се еднакви. Можеби учеството во Келн ги изненади сите, можеби и ние не очекувавме ваква сезона, но иако минавме низ тежок период, ете пак сме меѓу најдобрите четири“, вели Стоилов.

Македонскиот ракометен тим Вардар денеска од 18 часот излегува против фаворитот Барселона во полуфиналето на „Фајнал Фор“ турнирот кој се игра во Келн. Во првото полуфинале, во 15.30 часот играат Веспрем и Киелце.

За Вардар ова е трето учество по ред на „Ф4“ турнирите во Лигата на шампионите, нешто што не му успеало на ниту еден тим во Европа. Вардар и Барселона ќе играат реприза на мечот од Ф4-турнирот во 2017 година, кога „црвено-црните“ станаа шампиони.

Каталонците оваа сезона славеа на двата пати, 30-26 во Скопје и 34-26 во „Блауграна“.

Игор Карачиќ, кој настапи за „црвено-црните“ на сите досегашни „Ф4“ настапи се потсети на шампионската сезона кога беа совладани Каталонците во полуфиналето и сподели дека ќе дадат се од себе да ги совладаат повторно.

– Сето ова ме потсетува на 2017 година. Дојдовме во Келн без притисок, сакаме на сите да им ги замрсиме сметките. Тоа ни успеа пред две години. Лани дојдовме освојувачки и имавме премногу притисок. Се радувам на овој Ф4. Немаме што да загубиме. Играме според мене против најдобриот тим не само во Европа туку и во светот. Сепак, годинава Вардар покажа дека има карактер и срце и дека се враќа од тешки ситуации. Ќе дадеме сè од себе за да ја совладаме Барселона. Секој има 25 проценти шанса за титулата. Ќе дадеме се од себе за да дојдеме до успех, вели Игор Карачиќ, цитиран од сајтот на Вардар.