Капитенот Стојанче Стоилов вчера стави печат на големата победа над Барселона во полуфиналето на Лигата на шампионите. Во текот на цела сезона тој постојано повторуваше дека во Вардар има посебна хемија, дека играчите се вистински херои, дека се родени победници…Сите овие зборови не беа напразно кажани.
Точно е дека „црвено-црните“ во пресметката со Веспрем влегуваат далеку поуморни, но како што вели големиот борец заморот не може да биде алиби, одат до крај за Вардар, за оваа наверојатна сезона…
„Зошто да не направиме ново чудо, со победивме најдобриот тим во светот, сега Веспрем треба да мисли за нас. Тие имаат поголем ростер, но ова е еден натпревар, заморот не е алиби. Ние сме победници, имаме таков менталитет. Секој од нас сака да победи и во помали работи, а не пак на Ф4 во Келн. Овие момци се херои, жал ми е што немаме поголем збор во нашиот речник“
Инаку, Роберо Гарсија Парондо го пријави тимот за финалето на Лигата на шампионите попладнево во Келн. И покрај проблемите по полуфиналните натпревари, во официјалниот состав се најде повредениот Игор Карачиќ.
Финалето ќе го судат Германците Гепег и Хелбиг, а делегат на ЕХФ е Марко Треспиди од Италија.