Вардар во Монпелје ја најде замената за Дејан Милосављев

ИЗВОРСкопје24
|

Македонскиот ракометен првак Вардар по крајот на оваа сезона остана без првиот голман Дејан Милосављев, а веќе се наѕира неговата замена во „црвено-црниот“ дрес.

Се работи за швајцарскиот репрезентативен голман Никола Портнер, 25-годишен чувар на мрежата кој настапува за Монпелје. Вардар е сериозно заинтересиран за неговите услуги и притиска да го донесе во своите редови од францускиот ракометен тим.

Портнер со Монпелје ја освои европската титула во Лигата на шампионите во 2018 година, а имаше блескав настап на Ф4-турнирот во Келн. Голманот потекнува од спортско семејство, затоа што е син на поранешниот југословенски играч Златко Портнер.

Во Монпелје тој е од 2016 година, а претходно настапуваше за два швајцарски тима, Кадетен Шафхаузен и Берн Мури.

Вардар летово дефинитивно останува без еден од играчите кои важеа за „душа“ на тимот. МВП – Игор Карачиќ уште пред извесно време го договори трансферот во Кјелце, каде ќе го замени поранешниот „вардарец“ Лука Циндриќ, кој кариерата ја продолжува во Барселона. Првиот голман Дејан Милосављев се сели во Бундес-лигата, во таборот на Фуксе Берлин, додека Рожерио Мораеш уште пред неколку месеци позираше со дресот на Веспрем. Русинот Киселјев непосредно по Ф4 турнирот го комплетираше трансферот во Чеховски медведи, ставајќи крај на својата едногодишна авантура во Скопје.

Кристијан Дисингер покажа трпение и најави дека наскоро ќе ја донесе својата одлука дали да остане или да си замине, но клучно за „вардарци“ ќе биде да не дојде до целосен распад на бековската линија, па по Борозан и Карачиќ, од клубот да си заминат и Кристопанс и Скубе. Летонецот веќе има договор од 2020 година со ПСЖ, „светците“ се откажаа од Степанчиќ за да отворат место за него уште во 2019, па интересно ќе биде да се види дали леворакиот „бомбардер“ ќе остане уште една година во Скопје или порано ќе се пресели во Париз. Скубе повторно преговара со Кјелце, интерес за словенечкиот среден бек покажуваат уште неколку клубови ширум Европа, но за него приоритет во моментов е останување во Вардар – со надеж дека што поскоро ќе бидат разрешени дилемите околу идното раководство и буџетот што европскиот шампион ќе го има во наредната сезона.

Мешков Брест има отворени понуди до Дибиров и Шишкарев, за Калараш се интересираат Чеховски Медведи и Мотор, а неизвесна е и иднината на Горбок.