Скубе: Сергеј ги расчисти сите долгови, нема веќе „црни облаци“ над Вардар!

ИЗВОРСкопје24
|

Словенечкиот ракометар Сташ Скубе беше поврзуван со траснфер надвор од Вардар, но по освојувањето на европската круна ситуацијата се смени и тој потврди дека ќе остане дел од „црвено-црните“ и наредната сезона.

Бекот кој игра одлична сезона вели дека се чувствува феноменално во Македонија и дека е навистина убаво да се биде во земја која живее за ракометот.

„Морам да кажам дека престојот во Македонија е феноменален, можеби едно од најубавите нешта кои ми се случиле во кариерата. Скопје, Македонија живеат за ракометот и за Вардар. Ние сме ракометни херои. Многу им значиме на луѓето и тие многу не сакаат. Добиваме поддршка на секој натпревар. Среќен сум што сум дел од овој тим и овие момци кои се фантастични“, изјави Скубе во интервју за „Сиол“.

Скубе откри и како реагирале играчите кога Самсоненко најави повлекување и истовремено потврди дека сега сите се „чисти“ и дека се што им се должеше им е исплатено.

„Не беше баш добро да се чуе тоа. Кога Сергеј ни кажа дека заминува, ние имавме состанок и се договоривме да играме за нас и за Вардар, не за нешто друго. Тогаш мислевме дека ќе си одиме од Вардар и дека се е готово, но на крајот се испадна добро. Клубот останува, ние сме исплатени и се е во најдобар ред“, додава Словенецот.

Од Вардар си заминува тренерот Роберто Гарсија Парондо, а како можен заменик се споменува Урош Зорман, тренер за кој Скубе има голема почит.

„Како што знам, многу веројатно е тоа да се случи. Урош го има ракометот во „малиот прст“. Мислам дека би бил одличен во Вардар. Се надевам дека ќе ни биде тренер. Што ќе се случи не можам да знам, воедно и тоа не е моја одлука. Но, ако дојде, знам дека се ќе биде одлично и ќе биде прифатен од сите“, додава тој.

Словенецот откри и дека Киелце го барал, но ќе остане во Вардар и в година затоа што ситуацијата е стабилна.

„Искрено, кога во април дознавме што може да биде, баравме нови клубови. Киелце беше опција, но сега веќе не е. Одлучив да не одам во Полска, останувам во Вардар уште една година, а што ќе биде потоа, ќе видиме“, заврши Скубе.

Истовремено, тој откри и дека Сергеј Самсоненко останува и понатаму во Вардар и дека долговите што постоеле се расчистени.

„Последните информации велат дека повеќето играчи остануваат. Нема да има црно сценарио, како што очекувавме. Може да се нарече, доживеавме пресвртница. Нема веќе „црни облаци“ над Вардар. Сергеј Самсоненко ги расчисти сите долгови и ќе продолжиме и наредната сезона. Можеби нема да бидеме истиот тим, затоа што неколку играчи си одат, но повеќето ќе останат“, заврши тој.

Скубе во редовите на Вардар дојде од ПИК Сегед на стартот на оваа сезона и премногу брзо се адаптира како лидер на тимот. Во кариерата уште играше и за Горење Велење и Тримо Требње.

Превземено од: Гол.мк