Успехот на ракометарите на Вардар е успешна приказна за момците кои покажаа зрелост во тешки моменти, а имаа фантастична публика која ги поддржуваше.
Најважно од се, Скопје треба да остане на ракометната мапа на Европа, тука оваа игра се цени и се сака. Во напливот на коментари инспирирани од ова, можат да се слушнат разни навивачки тези, во кои доминантно некој треба да им даде пари, за да продолжат да победуваат. Иако награди ќе има и од Владата, и од Град Скопје, и од ЕХФ, тоа не се пари со кои може да се купи ростер играчи од соништата.
Го ценам Тимур Дибиров како екстра играч, но не се согласувам со неговиот став дека ако „никој не ни помогне, треба да ги соблечеме патиките и да се пензионираме“.
Фактите од сите страни на светот ќе не демантираат дека државата треба да биде главниот финансиер на големите клубови: тоа не е случај во Шпанија ниту со Реал Мадрид, ниту со Барселона, а да не зборуваме за Премиер Лигата каде што сопственици на клубовите доминатно се странци. Еден од најдобро познатите примери со преземањето на врвните клубови од богати приватни инвеститори е оној на Париз Сен Жермен. Шеиците купуваат клуб, купуваат играчи и доаѓаат до успеси преку ноќ, без да се грижат за младите таленти и за клубските школи. Дали тоа ќе не направи среќни?
Вардар веќе има шампионско „си-ви“, па ако актуелната сопственичка структура нема свои средства да продолжи да го финансира клубот, потребно е да бара нов инвеститор низ светот. И Кометал Ѓорче Петров беше европски шампион во 2002 година, па кога тогашниот спонзор Трифун Костовски пресече дека бизнисот повеќе не му дозволува да биде во ракометот, едноставно се повлече. Она што ги разликува двата примера се навивачките групи, бидејќи „Вардар“ благодарение на своите „Комити“ е она што е – препознатлив спортски бренд.
Политичарите не смеат да се расфрлаат со државните пари без оглед колку тоа изгледа наивно лесно, но можат да создадат услови за вонсериски спортски колективи кои настапуваат во натпреварување како Лигата на шампионите да имаат други повластувања и ослободувања. Исто така можат да се погрижат и да ги испитаат зделките со стекнување монополска позиција на пазарот, и тоа од странски телевизии, кои не емитуваат програма на македонски јазик.
Македонија има повеќе успешни спортски приказни, но најмногу мора да им помага на младите, да се издигнат во вистински спортисти, кои потоа ќе се вреднуваат на светската сцена. Успесите на Вардар е мелем на рана, но би биле уште послатки кога во тимот би играле и наши репрезентативци, кои би имале можност да се калат во големи натпревари и да се развиваат во светски ѕвезди. Столе е „наша икона“, но лично би бил среќен овој Вардар „да остави поколение зад себе“, да има уште петмина херои како него, или барем кои се обидуваат да бидат како него, во првите борбени редови. Во таква ситуација добива и националната селекција, и нашите ракометни школи. Успехот на Вардар е голем и треба да биде инспирација – како да стане уште поголем, повреден.
Извор: Дерби.мк