Градежна комора бара формирање меѓуресорно тело на јавен и приватен сектор

ИЗВОРСкопје24
|

Формирање на Меѓуресорно тело, во кое ќе учествуваат претставници на Градежната комора, Владата и Општините, што ќе гарантира и резултира со побрзо придвижување на секторот Градежништво, е
барањето на Градежната комора истакнато на денешната прес конференција.

Претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски, истакна дека неопходно е интензивирање на работата на компаниите во градежниот сектор, како значајна гранка за придвижување на економијата и подигнување на животниот стандард.

„Во делот на високо градбата согласно последните податоци на статистика, во првото тримесечје од 2019 година, во споредба со првото тримесечје од 2018 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се повисоки за 4.3 %, трошоците за материјали се повисоки за 1.7 % и трошоците за вработените се повисоки за 11.3 %. Поскапувањето е регистрирано во трите сегменти и точно е дека има поскапувања во сите сегменти за изградба на квалитетни станови, кои се енергетско ефикасни и асеизмички стабилни. Ако го споредиме сегашниот период во однос на лани, може да зборуваме за поскапување на сите градежни услуги до 15 %„ изјави Јаќимовски и додаде дека растот на овие трошоци го диктира растот на цената на квалитетните станови која во иднина ќе се движи во нагорна линија и тоа зави исклучиво од квалитетот на градбата,  локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент.

Тој истакна дека во делот на ниско градбата има раздвижување во инвестициите во инфраструктурата, изградбата на патиштата,  гасификација, кои спаѓаат во капитални инвестиции и дополнително во периодот кој следи се очекува засилување на темпото.

„Она што е детектирано од страна на компаниите кои работат во овој домен се проблемите во спроведувањето на јавните набавки, честите менувања на плановите за јавни набавки, слабата реализација на плановите за јавни набавки, несоодветната процена на вредноста на набавките и лошата временска рамка на набавките. Потребно е да се обучи државната администрација за да може јавните набавки да се извршуваат поквалитетно, согласно новиот Закон и да се реализираат предвидените средства за капитални инвестиции, за интензивирање
и нивна реализација. Институциите треба да развиваат свои подетални упатства за пресметка на проценетата вредност на набавките. Тоа ќе даде можност да се земат предвид спецификите на различните сектори и природата на набавката која се спроведува, поточно дали станува збор за градежништво во случајот или друг сектор“, изјави Јаќимовски и додаде дека плановите за јавни набавки треба да ги одразуваат потребите, но и реалните финансиски можности на институциите на национално и на локално ниво.

Градежната комора очекува во следен период во делот на виско градбата засилување на работата на општините и што поскоро изготвување на Детални урбанистички планови, а во делот на ниско градбата успешно и непречено спроведување на постапките за јавни набавки. Без градежништво кое со себе повлекува и раст на 26 останати стопански гранки нема раст на севкупната економија.