Македонските ракометари денеска се одмазија за поразот во Кожани, откако во Струмица славеа со 27-23 против Грција во рамки на шестото, а воедно и последно коло од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Нашите ракометари имаа лош старт на натпреварот, па јужниот сосед водеше со два гола во почетните минути, а во еден момент стигнаа и до +3 (7-4). Сепак, првото израмнување стигна во финишот кога Македонија израмни на 9-9, а потоа направи и пресврт, па на полувреме амина со предност од 13-11.
Во вторите 30 минути се водеше голема борба меѓу ракометарите на паркетот во Струмица, а Македонија ја одржуваше предност од два гола до средината на второто полувреме (19-17). Сепак, тука нашите ракометари го скршија јужниот сосед, па стигнаа до +6 (23-17).
До крајот на мечот се водеше израмнета борба, а Македонија на крајот славеше со 27-23 и така го освои првото место во групната фаза од квалификациите, по што се очекува поволна ждрепка за ЕП.
Инаку, македонската ракометна репрезентација ја дочка Грција во опрема на која пишува само – Македонија. Грците во Струмица беа пречекани со салдо свирежи, а ништо подобар третман немаше ниту нивната химна.
Тие веќе со децении беа најгласни против употребата на името Македонија, се бунтуваа во минатото и за кодот МКД, кој го бришеа, па на крајот лани со преспанскиот договор се смени уставното име на нашата земја. Арно ама, денеска на теренот во салата „Парк“, ракометарите си истрчаа само со Македонија на својата опрема.