Иако проектот Yugo America воопшто не е фијаско како што денес се прикажува, сепак целата приказна за „југословенскиот сон во Америка“ не може да се каже дека заврши на убав начин.
Со крајот на јануари во 1989-та година и дефинитивно беше ставен и крај на сонот, популарното Југо да успее на американскиот пазар. Токму на крајот од јануари, беше ставен и клуч на компанијата која што го увезуваше овој автомобил во САД после продадени 141,511 примероци.
Банкротот беше објавен на 29-ти јануари, а увозникот формално стави крај на својата работа пред точно 30 години.
Продажбата на Југото кое што од 80-тите е исклучително популарно и во Македонија, на американскиот пазар започна на 26-ти август 1985-та година. Иако било проценето дека продажбата на еден многу економичен, мал и евтин автомобил во Америка не е лоша идеја.
Сепак, многу фактори влијаеле на пропаѓањето на проектот „Југо во Америка“, од лошиот квалитет на самиот автомобил, до доцнењето во испораките, па и до пристигнувањето на малку поскапиот корејски конкурент Хјундаи Пони. Сето тоа придонело за започнувањето на финансиските проблеми на увозникот, па само три години подоцна, увозникот ги предал документите за стечајна постапка, со што била разнишана и така малата доверба кај купувачите.
На крајот, распадот на сервисната мрежа резултирал со тотален крах и денешна негативна перцепција на Југото, кое што сепак беше продадено во солидни, 141,511 примероци.