Главниот град на Австрија, Виена, и оваа година е на врвот на листата на најдобри градови за живот во годишниот извештај на истражувачккиот центар на британскиот весник „Економист“. На второ и трето место се австралиските градови Мелбурн и Сиднеј.
На четврто место е Осака (Јапонија), по што следат три канадски градови – Калгари, Ванкувер и Торонто.
Меѓу првите десет градови е уште еден европски град, Копенхаген (Данска) кој се најде на 9 место.
Истражувањето опфати 140 градови низ целиот свет, оценувајќи ја одржливоста, здравствениот систем, културата, животната средина, образованието, инфраструктурата и стапката на криминал. Ефектите од климатските промени, за прв пат, исто така се вклучени во годинашниот извештај.
Виена постигна скоро перфектен резултат, со вкупно 99,1 од можните 100 поени.
Сиднеј се искачи од петтото на третото место, а причината е тоа што градот ја подобри својата културна понуда и состојбата со животната средина.
Париз падна за шест места по делумно насилните протести на жолтите елеци и сега е на 25. место.
Заедно со Дамаск во Сирија, најмалку пожелни градови за живот во светот се Дака во Бангладеш и Лагос во Нигерија.