Протекоа нови детали: Huawei Mate 30 Pro ќе има вкупно седум камери

|

Деновиве се појавија нови информации околу спецификациите на новиот Mate 30 Pro на Huawei.

Со оглед на тоа дека серијата Mate 30 нема дозвола за користење на апликациите на Google, за првиот флегшип на Huawei кој нема да ги користи сервисите на американскиот гигант досега немаше премногу информации.

Досега се појавија гласини за необична позиција на камерите и закривен екран, но информации за спецификациите на моделот досега немаше. Но, откако на саемот IFA во Берлин беше претставен процесорот Kirin 990, следуваше „протекување“ на спецификациите на моделот Mate 30 Pro.

Најновиот телефон на кинеската компанија ќе има 6,6 или 6,8-инчен FHD+ AMOLED Waterfall екран со резолуција од 2,400х1,176 пиксели и батерија со капацитет од 4,000 mAh која ќе може да се полни и бежично.

На задната страна ќе бидат сместени четири камери, главната ќе има 40 мегапиксели, исто како и широкоаголната камера, додека телефотокамерата ќе има 8 мегапиксели со 3х оптички зум, како и ToF сензор. На предната страна ќе бидат сместени три камери – покрај ToF сензорот ќе има селфи камера од 32 мегапиксели и широкоаголна камера.

За безбедноста е задолжен Huawei Face ID 2.0 системот кој е побрз и побезбеден, а тука се и сензорите за следење на работата на срцето и дишењето, како и сензорот за отпечатоци на прсти кој што е интегриран во екранот.

Паметниот телефон ќе има 8 или 12 GB RAM и 128 или 512 GB интерна меморија. Ќе го користи HiSilicon Kirin 990 5G и оперативниот систем Android 10 со EMUI10.0 интерфејс.

Новиот Huawei Mate 30 Pro ќе биде претставен на 19-ти септември.