Приказната за Луис Скола: Тренираше како Роки, веруваше во финале, а другите го гледаа како да е луд…

|

Аргентина денеска го игра финалето од СП 2019 против Шпанија, а „гаучосите“ сигурно немаше да бидат дел од мечот за трофејот доколку во своите редови го немаа Луис Скола, 39-годишниот ветеран што во 2002 беше дел од последното финале што Аргентина го играше во Индијанаполис. Над 90% од неговите врсници и поранешни соиграчи веќе неколку години се пензионери, но Скола се уште не размислува за такво нешто.

„И пред две години велев дека можеме да играме финале, сите ме гледаа како да сум луд. Оваа репрезентација многу ме потсетува на генерацијата од 2002 година. Денеска веќе не сум толку луд, играме финале и се надевам дека овојпат ќе се радуваме и на победата“ – изјави Скола.

Ветеранот делува најподготвено од сите, што не е големо изненадување ако се земе во предвид неговиот фанатизам при тренинзите. Тој настапува за тим во Кина каде тренинзите не се премногу жестоки, но Скола секогаш работи дополнително. Тоа беше случај и во пресрет на овој светски шампионат, доколку немаше слободна сала само ќе најдеше скали за да трча по нив или пак ќе трчаше со ранец од 20 килограми на грбот.

„Се подготвуваше како Роки Балбоа за борбата со Иван Драго. Знаеше кога почнуваат подготвките на репрезентацијата, а Луис почна да работи индивидуално 14 недели пред да се собере националниот тим. Имаше денови кога беше многу ладно, но тоа не му пречеше, ќе излезеше во седум часот наутро и ќе почнеше со трчање, се дури не го исполни она што му беше предвидено“ – открива неговиот татко, Марио Скола.

И самиот Луис за време на СП беше прашан да ја открие тајната на својата спортска долговечност.

„Тешко ми е да зборувам за тоа, не сум човек што се фали. Искрено, не можам да ви одговорам“ – скромно изјави 39-годишниот ветеран.

Секој врвен спортист знае дека тоа што треба да го каже, најдобро е да го покаже на теренот. А Скола го прави токму тоа, постигнувајќи 28 поени во полуфиналето со Франција. И нема сомнеж дека евентуално злато во денешното финале ќе му ја донесе и МВП-наградата, што би претставувал идеален крај за репрезентативната кариера на овој спортски великан.