Ако сте мислеле дека најмногу може да се заработи од продажба на „милионските“ автомобили на Bugatti или слични престижни марки, се лажете.
Најголем профит на „газдите“ им носи легендарниот Porsche 911. Конкретно, станува збор за најновата генерација со кодна ознака 922 кој носи најголем чист профит во однос на конкуренцијата на сите дебитанти кои се појавија на пазарот во изминатите неколку години.
Интересно е тоа што 911 не е најпродаваниот модел на Porsche, но е најисплатлив. Има удел од 11% од продажбата на германскиот гигант, но носи неверојатни 30% од заработката, пренесува „Блумберг“.
Зад 911 се наоѓа Ferrari F8 Tributo кој италијанската компанија го продава со маржа од дури 50%, што на Ferrari му носи 17% од вкупната заработка, односно околу 307 милиони евра.
Интересно е што на листата се наоѓа и DBX, џипот на Aston Martin кој ќе се појави на патиштата во декември. Овој модел во 2020-та двојно ќе ја зголеми продажбата на британската компанија и со проектираните 4,500 продадени примероци ќе донесе 21% заработка.
Кога сме кај џиповите, најдобро котира Mercedes GLE кој заедно со GLS чини само 9% од продажбата на гигантот од Штутгарт, но носи 24% од заработката. Веднаш зад нив е BMW X5 со 7% удел во продажбата и 16% во заработката.
Објасувањето на вака големата заработка на 911 лежи во разновидноста на понудата.
„911 е профитабилен сам по себе, а кога ќе ги додадете бројните варијации, заработката е огромна“, објасува аналитичарот на „Блумберг“, Мајкл Дин кој вели дека додатоците како керамички сопирачки и турбо кои драстично ја подигаат цената, имаат премало влијание на трошоците за производство.
„Ако претпоставиме дека ќе се продадат 10 илјади примероци на моделот 911 Turbo, плус и GT3 и Turbo S, само Turbo на Porsche ќе им донесе половина милијарда долари профит“, вели Дин.