Утврден предлог-законот за помош за покачување на платата до 100 евра кај приватниците

|

Владата го утврди текстот на предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата со кој ќе се овозможи уплата на придонеси од Буџетот, во име и сметка на работниците кај работодавачите од приватниот сектор.

„Целта на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата која е повисока до 100 евра, заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој во Република Северна Македонија“, велат од Владата.

Притоа осигурениците непречено ги остваруваат правата од социјално осигурување, а работодавачите немаат обврска да плаќаат придонеси за социјално осигурување за износот на зголемена плата.

Владата на седница одлучила и да се организира наградна игра “Мој ДДВ, моја награда”. Оваа одлука е донесена на предлог на Министерството за финансии.

Оваа мерка се смета како продолжение на досегашните активности околу проектот Мој ДДВ кој беше промовиран на средината на оваа година, а илјадници граѓани редовно ги скенираат сметките и очекуваат поврат на ДДВ во изност од 15 проценти од платениот данок.

Наградната игра ќе ја спроведува Државната лотарија, а покрај тоа што се очекува оваа мерка да генерира нови приходи кај граѓаните, да ја намали даночната евазија во земјава и да ја зголеми свесноста на граѓаните за барањето на фискални сметки за извршените услуги.

Исто така, Владата вчера на седница ја разгледа и усвои информацијата за покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката за 10 проценти почнувајќи од исплата на платата за април 2020 година.

– Откако ќе биде постигната спогодба со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), со оваа информација вкупното покачување на платите од април идната година, во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува повеќе од 20 отсто, имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година, на двапати по 5 проценти, соопшти владината прес-служба.

Владата и МОН завчера му предложија на СОНК зголемување на платите за нови 10 отсто од април. Претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека ќе го консултираат членството кое треба да одлучи дали е предлогот прифатлив или ќе биде одбиен.

Советот на СОНК вчера одржа состанок со регионални претставници на Синдикатот, на кој присуствуваше и министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Неделков изјави дека според првичните реакции, не се задоволни што зголемувањето ќе биде 10, а не 25 отсто како што бараат тие. Сметаат и дека зголемувањето треба да биде од 1 јануари, а не од април. Тоа се нивните првични сознанија од расположението на членството, но конечната одлука ќе ја имаат до почетокот на наредната недела.