Ѕвездата на Барселона откри дека во 2013-та година бил блиску до тоа да донесе одлука за промена на клубот, но сепак одлучил да остане на „Камп Ноу“.
32-годишниот Аргентинец во интервјуто за “RAC1” изјави дека почувствувал дека е лошо третиран во Шпанија во периодот кога тој и неговиот татко беа под истрага за можно затајување на данок.
„Искрено, во тој период размислував да ја напуштам Барселона. Не поради клубот, туку поради тоа што не сакав да останам овде. Имав отворена врата кај неколку клубови, но не добив ниту една официјална понуда затоа што сите знаеа дека сакам да останам“, изјави Аргентинецот.
Меси на 13-годишна возраст пристигна во Ла Масија, младинската академија на Барселона, а дебитираше на свои 16 години. Од тогаш стана рекордер на каталонскиот гигант со 604 постигнати погодоци и моментално е втор по бројот на настапи, веднаш зад легендарниот Чави.
Лионел Меси вели дека нема што да се додаде кога станува збор за новиот договор со Барселона, со оглед на тоа што актуелниот му истекува во 2021-ва година и додава дека својата иднина ја гледа исклучиво во Барселона.
„Мојата идеја е да останам многу години. Отсекогаш размислував така и ништо се нема променето. Јасно е дека сакам да ја завршам кариерата во Барселона, посебно поради се што чувствувам кон клубот и семејството. Пресреќни сме во Барселона“, изјави Меси.