Рашфорд: Секоја чест за Попов, треба да имаш голема храброст за да го направиш тоа!

|

Наместо сега да се зборува за одличната игра и убедливата победа на Англичаните против Бугарија, дел од домашните фанови кои беа присутни на „Васил Левски“ ја зацрнија нацијата со недоличното однесување. 

Расистичките скандирања, како и фашистичките симболи, беа дел од срамниот репертоар на бугарските фанови, а само еден домашен фудбалер имаше храброст да застане пред таа група на хулигани и да побара од нив да прекинат со недоличното однесување. Бугарскиот капител Ивелин Попов по крајот на првиот дел се соочи со фановите, а за ваквиот потег доби пофални зборови од Маркус Рашфорд. 

„Вакви работи не смее да се случуваат во 2019 година. Навистина беше тешко да се игра под вакви услови. Сепак, одигравме добро и без разлика што се случуваше на трибините, забележавме висока победа. По мечот дознав, а потоа и видов што направи домашниот капитен. Навистина секоја чест за него. Да се најдеш сам пред тие навивачи и да имаш спротивно размислување од нив, навистина тоа е храбар потег“, рече членот на Јунајтед. 

Бугарија веќе од поодамна беше без шанси за пласман на следното Европско првенство, но без разлика на тоа, дефинитивно ја очекува висока казна од УЕФА, која во последните години не дозволува вакво недолично однесување од трибините.