Бројот на богати Кинези за првпат го надмина бројот на богати Американци, а растот на милионери во двете земји продолжува, покажува истражувањето на банката “Credit Suisse”.
Годишното истражување за глобалното богатство на швајцарската банка покажува дека од средината на оваа година, 100 милиони Кинези биле во 10 отсто од најбогатите луѓе на светот, а во САД имало 99 милиони.
“И покрај трговските тензии помеѓу Кина и САД во изминатите 12 месеци, двете земји создале големо богатство – Америка “се збогатила” за 3,8 трилиони, а Кина за 1,9 трилиони американски долари”, изјавила Нанет Хешлер-Фајдерб, шеф на одделението за економија и истражување во “Credit Suisse”.
Според резултатите од истражувањето, бројот на милионери на глобално ниво пораснал за 1,1 милион, па сега ги има околу 46,8 милиони, а заедно поседуваат 158,3 трилиони долари, што е речиси половина од светското богатство.
Само во САД, 675.000 луѓе станале милионери, во периодот опфатен со истражувањето. На другиот крај на светот, во Австралија, бројот на милионери се намалил – сега ги има 124.000 помалку, додека Британија изгубила 27.000 милионери, а Турција – 24.000.
Извештајот проценува дека 55.920 возрасни лица на светот поседуват најмалку 100 милиони долари, а 4.830 имаат нето имот во вредност над 500 милиони долари.
Истражувањето предвидува дека глобалното богатство ќе се зголеми за 27 отсто во наредните 5 години, на 459 трилиони долари, а исто така ќе порасне и бројот на милионери – за 5 години на светот ќе живеат речиси 63 милиони милионери.