Стив Истербрук ги прекршил правилата на компанијата која наложува дека менаџерите не смеат да бидат во врска со оние кои работат за нив.
Извршниот директор на Мекдоналдс Стив Истербрук добил отказ бидејќи бил во врска со жена која работи во истата компанија.
Од Мекдоналдс наведуваат дека Истербрук со тоа ги нарушил правилата на компанијата и покажал лошо расудување.
Британскиот бизнисмен во мејл пратен до вработените признал дека бил во врска со вработена, истакнувајќи дека тоа било грешка.
“Имајќи ја во предвид вредноста на компанијата, согласен сум со одборот дека е време да тргнам во друга насока”, напишал тој во пораката до вработените.
Според правилата на Мекдоналдс, на менаџерите им е забрането да бидат во врска со некој од вработените.
Истербрук има 52 години, разведен е, а за Мекдоналдс почнал да работи уште во 1993-та година во Лондон.
Од компанијата заминал во 2011-та година за да стане шеф на Пица Експрес, а потоа и на ланец ресторани на азиската кујна Вагамама.
Од компанијата се вратил во 2013-та година, набрзо станувајќи директор за Велика Британија и Северна Европа, а 2015-та и извршен директор на целата компанија.
Заслужен е за обновувањето на менијата и рестораните на Мекдоналдс, со користење на подобри состојки, додека акциите на компанијата пораснале двојно за време на неговиот мандат.
Под негово водство, Мекдоналдс почнал да врши испорака на храна, а овозможено било и плаќање со мобилен телефон.
Во исто време компанијата била жестоко критикувана поради ниските плати на работниците во рестораните, наспроти огромните заработки на менаџерите. Посебно бил критикуван Истербрук, кој во 2018-та година заработил 15,9 милиони долари, што е 2.124 пати повеќе од просечната годишна плата на вработен во компанијата.
Истербрук ќе биде заменет од Крис Кемпцински, кој до сега бил директор на Мекдоналдс за САД.
Кемпцински му се заблагодарил на Истербрук за се што направил.
“Стив ме донесе во Мекдоналдс, беше трпелив ментор и многу ми помогна”, истакнува тој.
Инаку, директорот на компанијата Intel, Брајан Крзанич исто така минатата година дал отказ поради врска со вработена, што е против правилата на таа компанија.
На таа функција бил од мај 2013-та година.