Славија Прага успеа да освои огромен бод на гостувањето кај Барселона на „Камп Ноу“.
Гостите од Чешка во поголемиот дел од мечот се бранеа од налетите на Каталонците, а дефинитивно херој на овој тим беше голманот Ондреј Колар.
Тој особено во второто полувреме со неколку феноменални интервенции успеа да ја сочува својата мрежа, но по завршувањето на мечот имаше замерки на сметка на играчите на Барселона.
Имено, Колар за чешките медиуми изјави дека целиот тим се радувал на средбата со ѕвездите на Барселона, но дека нивното однесување по мечот не е за пофалба.
„Меси и останатите само си отидоа, некои од нив не се ни поздравија со нас. Беше тажно“, изјави Колар.
„Сите се веселевме на средбата со тие големи играчи, сакавме да замениме дресови по мечот, но не се однесуваа баш најдобро“.
Голманот на Славија сепак го пофали однесувањето на неговиот колега од спротивниот табор, Марк Андре Тер Штеген.
„Тој ме чекаше во тунелот. Ме запре и ми рече дека долго време не видел така добар настап на еден голман и дека му било задоволство да ме гледа како добро играм со нозете“.