Американската инвестициска фирма Silver Lake купи нешто повеќе од 10 проценти од англискиот фудбалски клуб Манчестер Сити за половина милијарда долари, со што официјално ова спортско здружение стана највредно во светот.
Financial Times забележува дека со овој договор пазарната вредност на Манчестер Сити достигна 4,8 милијарди долари, а дека сопственикот на клубот, City Football Group (CFG), ќе го искористи свежиот капитал за понатамошно проширување на бизнисот.
Silver Lake досега најмногу инвестираше во технолошки компании од Силиконската долина, но во последниве години започна да инвестира во индустријата за забава, со купувањето на франшизата Ultimate Fighting Championship (UFC).
Американските инвеститори, наводно, пред оваа зделка се обиделе да купат удел во други европски клубови, вклучително и во лондонски Челзи.
CFG е холдинг компанија која управува со повеќе фудбалски клубови, во сопственост на Abu Dhabi United Group, додека две кинески компании се малцински партнери.
Forbes во средината на оваа година ја процени вредноста на Манчестер Сити на 2,7 милијарди долари, завршувајќи на петтото место на табелата на најскапи спортски клубови.
Според таа проценка, првото место го зазеде Манчестер Јунајтед, со проценета вредност од 4,2 милијарди.