Државата ќе субвенционира до 50% од придонесите за вработените

|

Владата го подготви првиот пакет мерки за најзагрозените сектори во економијата со цел полесно справување со последиците од настанатата состојба.

Првата мерка која е донесена од Владата се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Македонската банка за поддршка на развојот. При тоа обезбедени се вкупно 5.7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност.

Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. При тоа, се работи за бескаматни кредити со грејс период 6 месеци, а рокот на отплата до 2 години.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати односно субвенционирање на придонесите за вработените до 50% , целта е зачување на секое едно работно место.

Субвенционирањето на придонеси се однесува на месеците април, мај и јуни од 2020 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020 та година, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година до денот на поднесувањето на годишна сметка и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Оваа мерка директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020.

Останати мерки се и намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75% која треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението.

Ослободувањето од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од корона кризата за април, мај и јуни кои ќе ја помогнат нивната ликвидност.

Намалување на законски затезната камата за 50% или од 10 на 5% и од 8 на 4%, како и намалување на казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%.