Со строго почитување на протоколите, од денеска се отвораат двата аеродроми во државата.
Министерството за здравство информира дека согласно одлуката на Комисијата за заразни болести, денеска се отвораат аеродромите во Скопје и во Охрид.
Протоколот донесен од Комисијата е направен по сите светски стандарди. Во зградата ќе имаат можност да влегуваат само патниците, кои ќе треба да пристигнат на аеродром три часа пред летот.
Според протоколите, забрането е патниците да седат еден до друг во аеродромските чекалници, зоните за заминувањa (Departures), пристигнувањa (Arrivals) и излез (Gates) и затоа на тие места седиштата се специјално обележани за да се одржи безбедното физичко растојание.
Заштитните маски и дезинфекција на рацете ќе бидат задолжителни, а термалните камери ќе ја проверуваат телесната температура. Сомнителните ќе бидат спроведени во просторија за изолација.
Првиот лет од скопскиот аеродром е во Бремен, а се очекува да слета авион на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул. Првите летови од охридскиот аеродром ќе бидат за и од Цирих и Милано.
Од ТАВ Македонија велат дека според новите мерки за заштита, патниците задолжително треба да почитуваат три правила – постојано да носат заштитна маска, постојано да одржуваат безбедно растојание и високо ниво на лична хигиена.