Добра вест за сите кои плаќаа сметки во Пошта, Владата дозволи да се најде нова банка – партнер

|

Поради стечајот на Еуростандард, речиси еден месец Пошта не врши платен промет. Не се исплаќаат пензии, ни социјална помош, а граѓаните не можат да си ги платат режиските трошоци, затоа што овие услуги Пошта ги обезбедувала преку Еуростандард, за соодветен надомест. Добра вест е што Владата даде зелено светло Македонска Пошта да почне преговори со деловните банки, за да продолжи со работа како и до сега, само со нова партнер-банка.

Ејуп Ристеми, Директорот на Пошта, вели дека веднаш ќе свика Управен Одбор, на кој ќе се дефинираат критериумите за избор и ќе се поканат сите банки да достават понуди. Иако не се знае колку време би траел изборот на банка, сепак од Пошта ветуваат дека ќе се одбере онаа Банка која ќе понуди најдобри услуги.

Во Пошта, не само што не се реализираа стандардните услуги за граѓаните туку со тоа беа доведени во прашање и платите на вработените. Поради тоа. Синдикатот побара итна средба во Владата, бидејќи егзистенцијата на вработените е доведена во прашање.

Боро Велигденов, претседателот на синдикатот, пред медиумите изјави: „Сериозно е нарушено работењето, повеќе од 20 дена генерираме сериозни загуби со оневозможување на платниот промет на 300 поштенски единици. Прекинати се приходите од меѓународниот сообраќај и намалени оние од внатрешниот сообраќај во изминатите шест месеци. Околу 2300 вработени стравуваат за своите плати и работни места. Тоа е директна закана за егзистенцијата и нивните семејства. Неработењето на поштенските филијали имаа големо влијание и на населените места и кај корисниците. Над сто илјади корисници се оштетени“.

Еурстандард Банка и Македонска Пошта имаа склучено договор на 15 години. Пошта од банката добивала надомест, кој за првите 6 месеци годинава изнесува 1,8 милиони евра, што е 20% од вкупно остварените приходи на Пошта. Од овие пари се делеа плати за 560 вработени, а вкупно ангажирани лица задолжени само за платен промет се 870.