Реакции од Димитров, Заев и МНР на изјавата на Каракачанов за можна блокада на нашите ЕУ интеграции, поради нерешени историски прашања со Бугарија

|

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов вчера во изјава за телевизија 24 изјави дека македонската дипломатија веќе 3 години откако е потпишан договорот за Добрососедство одбегнува решавање на проблемите и очекува ЕУ да застане во одбрана. Според него, македонската страна ги избегнувала состаноците на историчарите за да не се соочи со решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека официјално Скопје нема желба да води искрен дијалог.Поради што Бугарија планира да го попречи патот на Македонија во ЕУ уште на првиот нареден состанок, кој се очекува да се одржи пред нова година.
Со реакција вчера веднаш и од македонска страна.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, за Радио Слободна Европа (РСЕ) порача дека Договорот за пријателство со соседна Бугарија зборува за заедничка историја што ги поврзува двата народа и дека во 21 век во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно.
„Изјави што може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите не помагаат. Историјата ќе не’ памети според тоа како сме се однесувале кон иднината“ – вели Димитров.

МНР пак го достави следниот одговор – Почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси. Европските интеграции на целиот регион, претставуваат интерес на двете земји и тоа било постојано потенцирано од страна на официјалните претставниците на двете земји. Република Бугарија и досега ги подржувала европските и евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија и очекуваме оваа поддршка да продолжи и во иднина.

Синоќа во ТВ дебата и Премиерот Заев се произнесе по ова прашање. „Решивме три поглавја, пет историски личности наназад, шестата историска личност е Гоце Делчев. Дали е Заев и Борисов дали е било кој понатаму, ако само едната страна добива, нема иднина. Решенијата ги најдовме за крупните прашања. Имаме архиви, ќе седнеме ќе ги извадиме транспарентно и јавно. Важна е историјата, но треба да биде појдовна основа за иднината. Ќе најдеме решение. Треба да излеземе двете страни победници“, рече Заев.