Од 1 октомври ФИТР ќе доделува иновациски ваучери – ова се деталите

|

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го промовираше Јавниот повик за доделување финансиски средства преку иновациски ваучери со кој ќе се изврши поттикнување на соработката меѓу компаниите и науката во насока на спроведување иновациски активности кои ќе ја зголемат конкурентноста на бизнисите. Преку овој јавен повик ќе се доделат ваучери во вкупна вредност од 15.000.000 денари.


Ваучерите ќе може да се искористат за развој на нови или искористување на постојните производи, услуги, процеси, за технички спецификации, за производство на лабораториски прототипови, за различни видови испитувања, за валидација на технологија, за развој на посебни софтвери, за организирање специфични обуки и слично.
Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, појасни дека Повикот ќе биде објавен на 1 октомври и ќе трае додека проектираните средства не бидат доделени. Апликациите ќе се поднесуваат по електронски пат. Рокот на искористувањето на ваучерите ќе биде шест месеци од потпишувањето на договорот меѓу корисникот и ФИТР, а со нив ќе може да се покријат 80 отсто од трошоците или максимум 500.000 денари без ДДВ по проект. Една компанија може да добие најмногу два ваучера, но не за ист повик.

– Апликанти на конкурсот може да бидат мали, микро и средни претпријатија кои ги исполнуваат конкретните услови дефинирани во Повикот, а давачи на услуги од областа на науката високо-образовни установи, унивезритети и институти, како и МАНУ – истакна директорот на ФИТР.

Деспотовски нагласи дека ова е прв ваков Повик досега во земјава. Тој ќе ги поврзе бизнисот и академската фела, а компаниите нема да добиваат директна помош, туку средствата ќе се реализираат преку академскиот кадар кој на овој начин сам ќе ја одреди цената за своите услуги во рамки на проддржаните проекти.

На настанот присуствување и Министерката за образование и наука Мила Царовска која истакна дека со овој нов инструмент за соработка на бизнисот и науката, како држава ќе вложиме многу повеќе за заеднички интерес на сите страни – и бизнисот и академската фела.