И Европратеникот Андреј Ковачев најави блокада од Бугарија на нашиот пат во ЕУ

|

Во интервју за бугарската агенција БГНЕС, Ковачев истакнува дека Бугарија строго ќе се придржува до своите позиции, а почетокот на преговорите со Европската унија зависат од македонската страна.
Неговата реакција доаѓа по декларацијата на новото раководство на македонското МНР, во кое се наведува дека преку Договорот меѓу двете земји ќе бидат решени сите историски спорови и дека и понатаму очекуваме поддршка од Бугарија, а не блокада.


Тој со својата изјава воедно реплицираше и на изјавата на Зоран Заев, кој кажа дека е оптимист дека работите ќе се решат и двете страни ќе излезат на крај како победници.
Имено Ковачев вели дека – „Зоран Заев секогаш зборува со голем оптимизам и голема надеж дека сè ќе биде во ред. Се надевам дека е искрен. Не можам да разберам зошто мисли дека ако ја прифатиме историската вистина за Гоце Делчев дека тој се дефинирал како Бугарин, тоа ќе биде загуба за нив. Дека некако едната страна ќе ја изгуби вистината. Ова е несфатливо. Современиот македонски идентитет и државност не можат да се градат врз негирање на сè што е бугарско, врз митологијата и лагите наметнати за време на Тито“.
Според него – „во Македонија немаат желба за напредок, има само прикаски. Тие ветуваат дека ќе ги решат проблемите во иднина, а од нас сакаат да продолжиме со безрезервна поддршка“.
Андреј Ковачев е најпознатиот пратеник во Европскиот парламент од партијата на премиерот Бојко Борисов, кој долго време се смета за човек кој се залага за интеграцијата на Македонија во ЕУ.