Германија се уште го држи на дневен ред проширувањето на ЕУ

ИЗВОРТелма
|

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров в среда заминува за Брисел, каде ќе се одржи нов амбасадорски состанок на кој на дневен ред се ставени заклучоците за проширувањето, кои беа отстранети минатата недела поради блокадата на Бугарија за преговорите со Македонија.

Димитров вели дека германското претседателство е упорно и го користи секој момент да издејствува пробив и да се усвојат заклучоците за проширувањето на ЕУ, вклучително и за Северна Македонија.

Дискусијата за проширувањето беше целосно симната од дневен ред поради несогласувањата помеѓу земјите членки на ЕУ, посебно поради ставот на Софија дека не може да се одржи првата меѓувладина конференција за пристапни преговори со Северна Македонија без решавање на билатералните спорови.

Оваа недела германското претседателство ги враќа заклучоците за проширувањето на дневен ред. Нејасно е во овој момент каков компромис ќе предложи германското претседателство. Извесно е дека претседателството подготвува нови заклучоци, но овие сѐ уште не се објавени.

Главната информација што циркулира веќе две седмици во дипломатските кругови во Брисел е дека се бара компромис околу формулација поврзана за „погрешна интерпретација на историјата“.

Додека претседателството на ЕУ смета дека оваа реченица треба да биде сместена во уводот за сите земји од регионот, Софија, според дипломатски извори, сака таа да биде вметната специфично за Северна Македонија, повикувајќи се на дамнешни заклучоци, од 2018 година кога се усвоија договорите за добрососедство со Грција и Бугарија.

Останува сега да се види каков компромис предлага германското претседателство.

Дека Бугарија не може да го држи во заложништво процесот на проширување во ЕУ, пишува и германскиот министер за Европа Михаел Рот во авторски текст за весникот „Велт“.

Албанија и Северна Македонија, на својот пат кон ЕУ постигнаа многу, исполнија една амбициозна реформска агенда и не дозволија да бидат сопрени од разни пречки. Сега мора во најкус рок да се одржат Меѓувладините конференции со двете земји, пишува Рот. Тој порачува дека „ЕУ мора да си го исполни ветеното и да испорача“, и дека Бугарија не може да ги наметнува своите билатерални барања на европско ниво. Пристапниот процес не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена ЕУ членка од него прави заложник на сопствените билатерални барања, пишува Рот.