Со еден ТАГ уред низ три земји – Како ќе изгледа наплатата на патарините низ Србија, Македонија и Албанија

ИЗВОРНов Лист
|

На последниот самит „Отворен Балкан” во Охрид беше договорено да се воспостави единствен систем за електронска наплата (ENP) во три земји – Србија, Северна Македонија и Албанија. Возачите наскоро патарината ќе ја плаќаат електронски, со уникатен ТАГ уред, што треба да биде уште едно олеснување кое е иницирано во рамки на оваа иницијатива, јави дописникот на МИА од Белград.

Имплементацијата на новиот систем се очекува до крајот на летната сезона според „Патишта на Србија”.

Open Balkan ETC е акција за воспоставување единствен електронски систем за наплата на патарина во овие три земји, а во „Патишта на Србија” напоменуваат дека ENP системите се базираат на истата технолошка платформа, DSRC – директна комуникација со краток дострел.

-Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ENP уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места. ENP уредот ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот, додека самиот корисникот ќе може да избере дали ќе наплатува средства во национална или во странска валута, објаснуваат во „Патишта на Србија”.

Граѓаните на Србија во Македонија и Албанија, предвидено е да добијат попуст од 5 отсто со користење на овој уред и реципрочно за граѓаните на Македонија и Албанија.

Додаваат и дека единствениот систем на патарина ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе го намали метежот на автопатите. Новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, а предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.