Велика Британија ја зголемува својата воена поддршка за Украина. Во посета на Лондон е украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Владата во Лондон, по повод посетата на украинскиот претседател Володомир Зеленски на Велика Британија, денеска (15.05) соопшти дека во новиот пакет воена помош за Киев ќе има стотици ракети за противвоздушна одбрана, како и стотици борбени дронови со досег од повеќе од 200 километри. Со помош на тие дронови би можеле да се достигнат цели на полуостровото Крим, кој е анектиран од страна на Русија.
Украинскиот претседател Зеленски денеска треба да води разговори со британскиот премиер Риши Сунак. Според Сунак, новата помош за Украина доаѓа во „решавачки момент во отпорот на Украина против ужасната агресивна војна која тие ниту ја избраа ниту ја испровоцираа“.
Пред пристигнувањето во Велика Британија, украинскиот претседател во текот на викендот водеше разговори во Рим, Берлин и Париз. Непосредно пред посетата на Зеленски, германската влада ѝ вети на Украина дополнителни испораки на оружје во вредност од 2,7 милијарди евра.