Поранешниот македонски репрезентативец Перо Антиќ е избран за нов претседател на Кошаркарската федерација на земјава.
Антиќ на денешното Изборно собрание во Скопје едногласно беше избран како единствен кандидат.
Антиќ почнал да игра кошарка на 11-годишна возраст, заедно со неговиот брат Александар во младинските школи на “КК Работнички”, како и во кадетската и јуниорската репрезентација на Македонија. На возраст од 16 години го направил своето деби во првиот тим на клубот. На 17 години, отишол на колеџ во САД.
Во својата богата играчка кариера, 36-годишниот Антиќ беше дел од Работнички, АЕК, Црвена ѕвезда, Лукоил, Санкт Петербург, Олимпијакос, Фенербахче. Од 2013-2015 настапуваше за Атланта и беше првиот Македонец во НБА-лигата.
Покрај многуте трофеи од националните првенства, Антиќ има и три титули европски шампион. Беше член на македонската репрезентација која на ЕП 2011 во Литванија го освои 4. место.
Перо Антиќ е деветтиот претседател на МКФ. Пред него по осамостојувањето на нашата држава први луѓе на кошарката беа: Благоја Самаковски (1992-93), Зоре Темелковски (1993-97), Јордан Камчев (1997-1999), Горан Рафајловски (1999-2001), Леонид Гајдаџиев (2001-04), Драгољуб Арсовски (2004-05), Даниел Димевски (2005-15), Петар Наумоски (2015-19).