Павел Атман се очекува да биде достојна замена за Игор Карачиќ на центарската позиција, но од него ќе се очекува да помогне и како лев бек. Тој е еден од играчите кои веќе се потврдени за новата сезона од страна на Вардар, а во неговата последна изјава потврди дека имал понуда од спортскиот директор на „црвено-црните“ уште минатата сезона да се пресели во Скопје. Меѓутоа, тогаш од Хановер не добил дозвола да го напушти клубот.
Во меѓувреме Атман имаше многу проблеми со повреди минатата сезона што не им се допаѓаше на управата во Хановер и дозволи Русинот да го напушти клубот.
„Разговаравме со Кокшаров пред една година за оваа опција, но тогаш ситуацијата беше различна. Во Хановер беа против моето заминување. Се слушнавме со Кокшаров по телефон и му кажав дека сега ситуацијата е сменета. Првиот ден кога дојдов со репрезентацијата во Скопје се сретнав со него и со Самсоненко. Веднаш се согласија за сè. Остана само да расчистам со Хановер, веќе и тоа е средено и потпишавме договор“, рече Павел Атман.
Тој има претходно искуство да игра за македонски клуб кога беше во Металург откаде што замина поради финансиската криза во клубот. Не е загрижен дека е можно истото да се случи со Вардар за што добил и ветување.
„За време на преговорите во Вардар бев уверен дека ситуацијата се стабилизира и дека ќе има финансии барем за следните четири години. Како ќе се одвиваат работите ќе видиме, но не мислам премногу за тоа. Важни се парите, но во овој момент најважно ми е да се вратам на ракометот и да уживам во играта“, изјави Атман.
Репрезентативецот на Русија е еден од ракометарите кои ова лето го засилуваат актуелниот освојувач на Лигата на шампионите и играч од кој ќе се очекува да биде наследникот на Карачиќ во бековската линија.
Извор: 24rakomet.mk