Атиџе моли за помош, бара спас од насилниот сосед – од МТСП ја следеле состојбата

|

Преку порталот ММС.мк со молба до јавноста се обрати нашата хероина Атиџе, од документарниот филм Медена Земја.
„Ве молам помогнете ми некако, многу сум ислашена и вака веќе не можам да живеам“ моли таа, поради проблеми со соседот, кој трае неколку години.

„Досега ми направил многу штета, но сега решив јавно да проговорам бидејки ми е страв од него. Колку е постар толку е поневозможно веќе да се комуницира со него. Сите викаат не е нормален, ама не може тоа така. Ми го бутна ѕидот кај што ја чувам кравата, за да ми избега. Па ако избега кравата јас со кои пари после пак ќе купам крава. Му реков зошто го правиш ова, а тој кога скокна накај мене да ми се дере, јас се уплашив многу. Се јавив во полиција во Свети Николе и тие ми викаат дојди тука. Абе како да дојдам, тие ме прашуваат ли мене дали имам пари да отидам од Бекирлија до таму. И уште знаеш што ми рече полицајката: Вие сте Турци, како брат и сестра,ќе се смирите. Ако така ми вика како јас да објаснам дека ми е страв од него, дека не е прв пат. Сум го пријавувала досега многу пати но, полицијата ќе дојде, ќе го опомене и толку“ – вели Атиџе.

По реакцијата на Атиџе преку медиумите до јавноста, се огласи Министерството за труд и социјална политика. Оттаму велат дека ја следат состојбата.


-Атиџе Муратова е во системот за социјална заштита како корисник на права од Законот за социјална заштита. Во однос на настанот кој е предмет на ваш интерес, тој не е во надлежност на МТСП. Во однос на социјалните права на Атиџе Муратова, Центарот за социјална работа во Свети Николе ја следи состојбата и превзема конкретни мерки, велат од МТСП.